По земјотресот стотина лица побарале лекарска помош

По вчерашниот силен земјотрес што го погоди Скопје и неговата околина, а кој беше со магнитуда од 5,3 степени според Рихтеровата скала, повеќе лица побарале помош во скопските болници.

Стотина лица побарале лекарска помош во скопските болници и амбуланти, а четириесетина побарале помош во градската болница „Наум Охридски“, и уште толку во градската болница „8 Септември“.

Најчесто луѓето се повредиле при бегање од своите домови, а неколкумина се здобиле со скршеници. Во болницата „Наум Охридски“ на лекување се задржани тројца пациенти, меѓу кои и една жена која паднала од тераса од први кат и се здобила со скршеници на нозете. Во болницата „8 Септември“ нема хоспитализирани пациенти со повреди од денешните земјотреси.

Дел од жителите во Скопје, особено станарите од повисоките згради, вознемирени од потресите вчера излегоа на улица и во блиските паркови. Земјотресот предизвика и пречки со комуникацијата во мобилната телефонија, а во некои делови од градот имаше и проблеми при снабдувањето со електрична енергија. Пријавени се и помали штети на станбени објекти и на возила.

Управувачкиот комитет за справување со кризи веднаш по земјотресот во 15 часот и 10 минути одржа состанок по кој упати повеќе препораки до граѓаните.

До завршување на состанокот, односно до 18 часот и 20 минути до отворениот телефон на Центарот за управување со кризи имало 80-тина јавувања. Граѓаните дотогаш известиле за околу 30-тина штети кои се настанати во рамки на нивните објекти.

– Би го повторил она кое што го кажаа сеизмолозите, а тоа е сите оние граѓани кои што имаат потреба да пријават определена штета, тоа да го направат на отворениот телефон 195 или пак на мејл на ЦУК, за потоа тимови кои што се предводени од ИЗИИС да ги посетат истите овие објекти и да направат потоа увид во степенот на оштетување на определениот објект. Покрај тоа што граѓаните ќе можат да ги пријавуваат своите потреби за присуство на стручни тимови, Управувачкиот комитет ги задолжи сите општински кризни штабови во градот Скопје, како и кризниот штаб на Град Скопје, да извршат паралелно обиколка на сите определени места во нивната општина, особено во проверка на патната инфраструктура, инфраструктурата во делот на водовод, канализација, изјави Ѓорѓиев.

Управувачкиот комитет апелираше да нема лажни повици, и да се пријавува само ако има пукнатини на ѕидови и потпорни греди на тврди градби, а не на помошни простории.

На оние, пак, на кои им е потребна медицинска помош да се јават на бројот 194 наместо да одат во болниците.

Надлежните ги упатуваат граѓаните и на Упатството за самозаштита на од земјотреси што може да се преземе на следниот линк: http://www.dzs.gov.mk/extra/doc/Upatstvo_-_zemjotresi.pdf .