Побарано укинување на притворот за актерот Владо Јовановски

Обвинителство побара укинување на мерката притвор за актерот Владо Јовановски, кој е осомничен за поврзаност со настаните од 27 април. Првата јавна седница на која се разгледуваат жалбите на притворените за настаните од 27 април во Собранието, се уште трае, а се расправа на барање на актерот Владо Јовановски и осомничените Горан  Ѓошевски, Мунир Пепиќ и Оливер Поповски.

Обвинителството побара притворот да се укине само за Јовановски, не и за останатите. Дали ќе се повлече притворот, Судот одлучува дополнително.

До Апелациониот суд вкупно се стигнати 16 жалби за продолжувањето на притворот, а вчера доцна попладне стигнале одговори од Вишото јавно обвинителство на жалбите против продолжувањето на притворот за осомничените за насилствата од 27 април.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, на 27 декември минатата година донесе одлука и го прифати предлогот на Обвинителството за организиран криминал и на 23 осомничени им го продолжи притворот за уште 30 дена, а на шест мерката куќен притвор. Меѓу нив се и поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, како и  Борис Дамовски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“.