Победа ги стартуваше подготовките за новата сезона

Во понеделникот попладнето со првата прозивка и тестирањето на теренот на Могилата, фудбалерите на Победа ги започнаа подготовките за новата натпреварувачка сезона.

Шефот на Стручниот штаб Зоран Штерјовски во свето кратко обраќање го образложи планот на подготовките и им посака здравје, среќа и успех на фудбалерите, а пред своите соиграчи првпат во новата улога и како спортски директор се обрати Александар Крстески.

На првиот собир главно се појавија најголем дел од играчите кои настапуваа во минатогодишната сезона. Официјално засега клубот го напуштија: Валентин Колески, Даниел Котески, Даниел Талески, Милан Војводиќ, Никола Тошески, Звездан Џорџиловиќ и Благојче Коњарски. Од новајлиите присутни беа засега двајцата договорени Борче Маневски и повратникот Нове Ацески, додека на првиот тим приклучени се и младите Петар Петроски, Дарко Ангелески и Христијан Цветаноски.

Од друга страна на проба се повеќе играчи: 23-годишниот репрезентативен штопер од азербејџански Азал Турал Хумбатов, 21-годишниот бразилски крилен напаѓач Ериксон Гонзалвес кој доаѓа од хрватски Меџумурје, 21-годишниот централен играч за врска Хрватот Габриел Миоч од Сесвете, 21-годишниот интернационалец од Хаити Еуген Пеине, младиот 19 годишен крилен напаѓач Александар Најдоски, син на поранешниот фудбалер на Победа и Вардар, Спасе Најдоски, кој до пролетва настапуваше за младинците на Вардар и членот на неколку третолигашки екипи од регионов Мартин Мечев.

Според планот на подготовки, екипата останува во Прилеп до 13 јули. Во оваа базична фаза, кога комбиирано ќе се работи на терен и во теретана, планиран е еден тест натпревар. Потоа експедицијата се сели на десетдневни подготовки во Банско Бугарија каде во план се четири тест натпревари.

По враќањето во Прилеп ќе се работи на воигрување на тимот, а веќе е договорен тест натпревар со косовскиот прволигаш Лирија на 26 јули во Охрид. Неофицијално, според информациите од ФФМ, првенството на Првата лига ќе започне на 13 август.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.