Спорт

Победа на Кил над Металург во Скопје

Победа на Кил над Металург во Скопје

Бундеслигашот Кил му го нанесе четвртиот пораз на македонскиот ракометен првак Металург откако синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ убедливо славеше со 42:27.

Домашниот тим пружи посилен отпор само во почетните минути, а потоа следуваше серија од 5-0 за германскиот претставник за на полувреме да се отиде со 22:15. Цврстата одбрана и против-нападите на гостите дадоа резултат и на почетокот на второто полувреме. Кил ја зголеми предноста за уште пет погодоци за рутинирано да го доигра натпреварот.

Ванчо Димовски кај Металург беше најефикасен со 6 голови, повратникот Ренато Вугринец постигна 5, а кај Кил Дувњак постигна 8 голови, а Кањелас и Вујин по 7 погодоци.

И покрај поразот кој е еден од најтешките за тимот од Автокоманда се уште постојат шанси за влез во следната фаза во Лигата на шампионите. Индикатор дали ќе се оствари тоа ќе бидат резултатите од двомечот со Ла Риоха. Во елитното натпреварување следува едномесечна пауза во која избраниците на Лино Червар ќе имаат можност да се вратат во препознатливата форма и на средбите со шпанската екипа да стигнат до првите бодови.