Победа на Орландо во Њујорк, Хјустон подобар од Лејкерс

Кошаркарите на Орландо Меџик ноќта кон понеделникот на гости ги совладаа Њујорк Никс, додека Лос Анџелес Лејкерс дома беа поразени од Хјустон Рокитс.

Во „Медисон Сквер Гарден“ Одландо Меџикс со 105:100 беа подобри од Њујорк Никс, а домашните успеаја да надоместат заостанување од дури 17 поени и изедначија кон средината од последната четвртина, но тоа не беше доволно и за целосен пресврт на резултатот.

При изедначувањето на 85:85 на половината од последната делница, Никола Вучевиќ, кој мечот го заврши со 34 поени, од кои осум постигна во серијата од 10:0 во последната четвртина, го повлече Орландо. Вучевиќ во тие моменти погоди шут и две “тројки“ за водството коешто Меџикс не го испуштија до крајот.

Ивен Фурние постигна 20 поени, Џонатан Сајмнос 16, а Илфрид Пејтон 15 кошови за Орландо. Кај Никс, пак, најдобар беше Мајкл Бислеј со 21 кош, а Кортни Ли додаде 19 поени.

Хјустон Рокитс со 119.95 ги совладаа Лос Анџелес Лејкер во „Стејплес“ центарот, што за нив е седма победа во низа. Ги предводеше Џејмс Харден со 36 поени, Ерик Гордон додаде 22, а Крис Пол 21 поен. Најефикасен кај Лејкерс беше Кајл Кузма со 22 кошови, додека Брендон Инграм постигна 18.

Хјустон ја презема контролата во втората четвртина, кога ги надигра Лејкерс со 34:19. Домашните се разбудија во второто полувреме, кога направија серија од 21:9 и се приближија на само 3 поена разлика, но Рокитс потоа постигнаа девет поени и Лос Анџелес до крајот веќе не се закани.

Актуелните НБА шампиони Голден Стејт Вориорс со 123:95 ги совладаа Мајами Хитс. Стефен Кари за победата постигна 30 кошови за 30 минути, а Кевин Дурант додаде 24 поени. Клеј Томпсон постигна 19 поени за Вориорс кои го започнаа второто полувреме со серија 18:3 и го надиграа Мајами со 37:17 во третата четвртина. Кај Мајами најдобар беше Горан Драгич со 20 поени.

Расел Вестбрук дојде до својот седми „трипл-дабл“ оваа сезона во победата на Оклахома Сити Тандерс над Сан Антонио Спарс од 90:87. Вестбрук постигна 22 кошови и запиша 10 скокови и 10 асистенции за Тандерс. Спарс, кои играа без Ламаркус Олдриџ и Тони Паркер, ги предводеше Деџунте Мареј со 17 кошови.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.