Победа за македонските шахисти на Олимпијадата во Норвешка

Македонската шаховска репрезентација ја забележа третата победа на шаховската Олимпијада во норвешкиот град Тромзо. Македонија во 4.коло ја совлада Албанија со 2,5:1,5.

Победата за нашите шахисти беше извојувана на третата и четвртата табла од страна на Никола Митков и Влатко Богдановски кои беа подобри од своите противници Франц Ашику, односно Илир Шеитај.

Трајче Недев ремизираше со Ералд Дервиши на првата табла, а Филип Панчевски на втората табла загуби од Дритон Мехмети.

По четири кола Македонија е на 43.место со шест бодови исто колку што имаат репрезентациите од 18 до 44.место.

Во водство со осум бодови се репрезентациите на Азербејџан, Бугарија и на Србија.

Денеска во рамките на 5.коло, македонските шахистите играат против Хрватска.

На женскиот дел од турнирот Македонија загуби од Летонија со 3:1.

Дамите по четири кола со три бода се на 91.место во конкуренција на 134 селекции кои учествуваат на женскиот турнир. Во 5.коло играат против Јапонија.