Победи на Арсенал и Тотенхем

Во средбите од 34-то коло на англиската фудбалска Премиер лига играни во средата, победи забележаа лондонските клубови Арсенал и Тотенхем.

Тотенхем славеше минимално со 1:0 на гости кај Кристал Палас со голот на Кристијан Ериксен постигнат во 78 минута. Со тоа Тотенхем го држи чекорот со водечкиот Челзи, зад кого заостанува само четири бодови.

Арсенал, пак, на својот терен го совлада актуелниот шампион Лестер, благодарејќи на автоголот на Роберт Хут на четири минути пред крајот на мечот.

Во дуелот на двете последни екипи на табелата Мидлсборо дома, исто така, со 1:0 го совлада Сандерленд. Голот го постигна Мартен де Руна во 9 минута со што ги продолжи надежите за опстанок во Премиер лигата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.