Победи на Барселона и Валенсија

Фудбалерите на Барселона на својот „Камп Ноу“ ја совладаа претпоследната Малага со неуверливи 2:0 во мечот од 9-то коло на шпанското првенство и ја задржаа водечката позиција на табелата пред Валенсија која со 4:0 ја декласираше Севилја.

Каталонците до водството стасаа веќе во 2 минута со погодокот на Деулофеу, но голот не е регуларен бидејќи при нафрлувањето на Диње топката со целиот обем ја мина гол-аут линијата. Сепак, главниот судија, а ниту неговите помошници не го видоа тоа. Барселона имаше среќа и при постигнувањето на вториот гол. Лионел Меси асистираше до капитенот Андрес Иниеста, но по неговиот удар кон голот топката го закачи Розалес кој се обиде да блокира и се одби во небранетиот дел од голот на гостите.

Многу поуверлива беше Валенсија која пред своите навивачи ја совлада Севилја со 4:0 со два гола на Гуедеш, во 43 и втората минута од судиското продолжение, и по еден на Заза во 51 и на Мина во 85 минута. Ви минатото коло Валенсија со 6:3 го надира Бетис на гостувањето, па против клубовите од Севилја во два меча дојде до шест бодови со гол-разлика од 10:3.

Така редоследот на врвов од табелата во Ла Лига остана непроменет. Барселона води со 25 бодови, Валенсија е втора со 21 бод. Третиот Реал Мадрид има 17 бодови и меч помалку. На последните позиции се Алавес со три и Малага со само еден бод.

Во саботата претходно Бетис го совлада Алавес со 2:0, со головите на Санабриа во 12 и автоголот на Алексис во 75 минута. Така Бетис се проби на 5-то место на табелата едно место пред Севилја со ист број бодови но послаб скор во головите.

Леванте и Хетафе одиграа без победник 1:1, а гостите дојдоа први во водство преку Фајр во 58 минута, но веќе во 62 минута изедначи Моралес. Леванте е 12-ти со 11 бодови, додека Хетафе е на следната позиција со два бода помалку.

Во недела играат: Виљареал – Лас Палмас, Селта Виго –Атлетик Мадрид, Легенес – Атлетико Билбао и Реал Мадрид – Еибар.

Колото во понеделник ќе го заокружат двојките Реал Сосиедад – Еспањол и Депортиво – Гирона.