Победи на фаворитите на стартот од Премиер лигата

Во последниот натпревар во саботната програма од првото коло на англиската Премиер лига, Вулверхемтон на домашен терен против Евертон успеа да ремизира 2:2, додека во претходните дуели фаворитите ги оправдаа очекувањата.

Стрелци за Вулверхемптон беа Рубен Невез во 44 и Раул Хименез во 80 минута, кои така ги анулираа двете водства на Евертон, за кој двоен стрелец беше Ричарлисон во 17 и во 67 минута. Притоа треба да се истакне дека гостите од Луверпул од 41 минута играа со фудбалер помалку, откако беше директно исклучен Фил Џагиелка.

На почетокот од новата сезона во Премиер лигата, клубовите од врвот на англискиот фудбал запишаа победи. Тотенхем на гости го совлада Њукасл со 2:1, додека Челзи беше убедлив со 3:0 кај Хадерсфилд.

Во дуелот меѓу Њукасл и Тотенхем оддиграа динамичен меч со многу шанси на двете страни и две стативи за домашните, но сето она што беше значајно се случи во првите 18 минути, а како куриозитет е тоа што сите три погодока беа постигнати со глава. Вертонген во 8 минута ги донесе во водство гостите од Лондон, а само три минути подоцба Џозелу израмни, но веќе во 18 минута Деле Али ја враќа предноста за Тотенхем и всушност ја донесе победата.

Успешно деби во најсилната англиска лига имаше Италијанецот Маурицио Сари кој летово седна на клупата на Челзи. Неговите играчи на гости кај Хадерсфилд не дозволија изненадување и беа убедливи со три гола во противничката мрежа. Дебито во синиот дрес ќе го памети и Жоргињо, кој дојде од Наполи, откако успешно реализираше пенал за 2:0 во 45 минута. Претходно во 34 минута погоди Канте, а потоа во 80 минута Педро ја запечати судбината на домашните.

Во петокот, пак, Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ го совлада Лестер со 2:1.

Гостинска победа во саботата оствари и Кристал Палас кој со 2:0 беше подобар од Фулам. Стрелци беа Шлап во 41 и Заха во 80 минута.

Вотфорд, пак, со двата гола на Переира, во 35 и 54 минута, пред своите навивачи го совлада Брајтон.

Со истиот резултат 2:0 и Борнмут славеше дома против Кардиф Сити. Стрелци на головите беа Фрејзер во 24 и Вилсон во првата минута од судиското продолжение на мечот.

Во недела се на распоредот преостанатите три натпревара од првото коло во кои се среќаваат Ливерпул – Вест Хем, Саутемптон – Барнли, а во Лондон ќе се одигра дербито на колото меѓу Арсенал и актуелниот шампион Манчестер Сити.