Победничкиот пехар е сопственост на Работнички

Финалниот натпревар од годинашното издание на Купот на Македонија, дуелот на националната арена “Филип Втори” помеѓу градските ривали Работнички и Металург заврши со сигурен триумф на популарните “романтичари” кои по четврти пат го освоија победничкиот пехар.

Прволигашот од Автокоманда поголемиот дел од натпреварот го одигра со играч помалку откако во 35 минута поради намерен удар без топка, директен црвен картон заработи искусниот играч за врска Оливер Пеев.
Во самиот финиш од првото полувреме, напаѓачот на Работнички, Борче Манески успешно го изведе ударот од белата точка, а во 92 минута, во листата на стрелци се запиша искусниот играч за врска, Петар Петров.

„И пред мечот најавив дека ќе биде неизвесен и тежок натпревар, тоа се потврди. Со црвениот картон на Металург ни се олесни работата, но тие покажаа дека се една од најдобрите екипи во Македонија. Мислам дека можевме и малку порано да го решиме натпреварот, имавме можности за такво нешто, меѓутоа на крајот се добро испадна, постигнавме втор гол што беше решавачки во самата завршница. Им честитам на моите фудбалери за големата игра на вечерашниот дуел и на освоениот трофеј“, изјави по натпреварот тренерот на Работнички, Игор Ангеловски.