Спорт

Ракометна Лига на шампионите Победничката низа на РК Вадар во ЛШ продолжи и во Загреб

Победничката низа на РК Вадар во ЛШ продолжи и во Загреб
(ФОТО: rk.vardar)

Македонскиот и европски ракометен шампион Вардар без особени проблеми во загрепска Арена го совладаа во саботата вечерта хрватскиот претставник ППД Загреб со 29:23 (15:10), во натпреварот од 7-го коло од групната фаза во Лигата на шампионите, а особено е значајно што ова е прв триумф на „вардарци“ на теренот на денешниот противник, шести сезонава и 51-во во најелитното клупско континентално натпреварување.

Добрата одбран и концентрираниот напад на Вардар ги принудија ракометарите на Загреб уште на почетокот од дуелот да направат голем број технички грешки и расположениот Арпад Штербик кој во првото полувреме „скина“ неколку зицери, што доведе до значително резултатско одлепување на гостите уште во првото полувреме. Ништо посебно не се промени во играта на двата тима и во вториот дел, кога играчите на скопскиот тим поучени од ланската пропуштена победа ја задржаа концентрацијата и во 46 минута дојдоа до највисоката предност од девет голови (24:15) којашто мирно ја зачуваа до конечните 29:23.

Иван Чупиќ постигна седум голови за Вардар реализирајќи ги сите седум удари од седумте метри, а Вуко Борозан постигна шест. Арпад Штербик го заврши натпреварот со 18 одбрани, од кои осум во првите 15 минути од натпреварот.

Кај ППД Загреб, кој е без победа сезонава во ЛШ, Стипе Мандалиниќ постигна шест голови, а по три голови постигнаа Златко Хорват и Марио Вуглач. Голманите Урх Кастелиц и Матвеж Скок вкупно имаа само осум одбрани, првиот пет а вториот три.

По седум кола Вардар е во водство со 13 бодов, пред РН Ловен со 10 и Барселона со 9, кој имаат натпревар помалку. Следниот противник на македонскиот шампион е Рајн Некар.