Побегнале од возило во движење додека превезувале седум илегални мигранти

Со уште едно филмско бегство на криумчари на мигранти синоќа се соочија полициските службеници. Возач и совозач на товарно возило, кога ги забележале полициските службеници скокнале од возилото во движење, по што возилото излетало од патот.

Како што информираат од МВР, околу 21,00 часот на локалниот пат село Дуброво-Неготино, полициски службеници кои во моментот вршеле служба забележале товарно моторно возило марка „мерцедес“ без регистерски таблици.

Возачот на товарното возило, кога го забележал полициското возило, ја намалил брзината и од совозачкото место скокнало едно лице и се дало во бегство. Возачот со возилото продолжил со движење и после 100-тина метри и тој во движење скокнал од возилото и побегнал, а возилото продолжило само да се движи уште педесетина метра по што излетало од патот во канал на левата страна во правец на движење.

Од товарното возило почнале да излегуваат повеќе лица кои се дале во бегство во правец кон автопатот.

Во возилото затекнати се седум лица илегални мигранти од Сирија и Ирак на возраст од 18 до 46 години и едно 10-годишно дете.

Во моментот на контролата три лица- мигранти се обиделе да побегнат по што од страна на полициски службеник испукан е еден куршум со пиштол во воздух заради предупредување.

Мигрантите се предадени на Регионален центар за гранични работи Југ, и истите ќе бидат сместени во Прифатниот центар за странци. Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето кое го управувало товарното моторно возило.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.