Побрз и поевтин интернет со MatriX салата за размена на интернет сообраќај

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, и директорот на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, Сашо Димитријоски, денеска ја посетија систем салата на националната точка за размена на интернет сообраќај MatriX.

„Со воведувањето на ваков јазол, каде сите интернет провајдери се поврзуваат, цените за интернет услугите може да бидат намалени од 15 до 20 проценти. Заедно со МАРнет го поставивме овој проект како приоритетен, со што граѓаните ќе можат да користат побрз интернет. Истовремено, ќе се придобијат многу поконкурентни услуги и пакети на пазарот“, рече министерот Ивановски.

Според него, Македонија ја исполнува  препораката на Комисијата за широкопојасен интернет, најосновниот пакет за интернет услуги да биде до пет проценти од просечната плата на домаќинствата.

При неодамнешната посета на компанијата Google во САД, министерот Ивановски го претстави проектот за заедничката точка  за интернет сообраќај.

„Оттаму изразија  желба да ги постават и нивните  сервери во оваа просторија. Откако ќе биде во функција оваа  сала повторно ќе се обратиме до Google и се надеваме да ги видиме и нивните сервери да бидат дел од оваа систем сала. Aко за отворање на одредена веб страница досега биле потребни три секунди, тоа сега би било за една секунда, па и многу пократко“, додаде Ивановски.

Откако ќе се воспостави националната точка за интернет размена, провајдерите во Македонија ќе можат меѓусебното поврзување да го остваруваат преку систем салата, наместо во некоја од точките за размена на интернет сообраќај во Европа.

Директорот на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, Сашо Димитријоски, соопшти дека систем салата е изградена според најсовремени  светски стандарди, со најсовремена технологија и сигурносни системи, што ќе гарантираат непречено функционирање.

„Автоматски ќе се постигне посигурен и побрз интернет. Сообраќајот што ќе биде лоциран во Македонија ќе се затвора  тука, значи нема потреба да излегува надвор, а тоа ќе им овозможи  на голем дел компании што нудат интернет содржини со поевтина цена да можат да стигнат до крајните корисници. Истовремено, компаниите ќе имаат помали трошоци отколку досега“, рече Димитријоски.