Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилно

Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилно отсуство на осигурениците, овозможува новото софтверско решение на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) кое денеска на прес-конференција го промовираа директорите на Фондот, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани.

Проектот „Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилни отсуства“ е дел од програмата на Владата и е во надлежност на Фондот. Го промовираме новото софтверско решение со кое комплетно ја дигитализираме работата во делот на исплатата на боледувањата и породилните отсуства, процес кој ни овозможува ефикасна и прецизна обработка на податоците и што е најважно, побрза исплата на средствата по овој основ за нашите осигуреници, истакна Стефаноски, пренесе МИА.

Се кратат бирократските процедури

Ова, како што посочи Стефаноски, е уште еден проект со кој се кратат бирократските процедури, а директен бенефит од решението за побрза исплата на надоместоците имаат осигурениците, бидејќи системот нуди: автоматска контрола, автоматска пресметка на надоместокот на плата и поврзаност со сите потребни надлежни институции за брза размена на податоци, електронско испраќање на известување на евентуално потребна корекција до фирмите.

Процесот ќе се одвива на следниот начин: По поднесување на барањето за надоместок, почнува целосно автоматизирана постапка во ФЗОМ за пресметката на боледувањето или породилното отсуство. Софтверот е синхронизиран врз база на исплатените плати од системот на УЈП. Системот автоматски носи решенија со висина и времетраење на исплата на надоместокот, наменет за осигуреникот и во ист момент генерира и налог за исплата. Вака, интерно кратиме административни постапки кои бараа дополнително време. Во овој процес нема човечки фактор што резултира со исклучување на грешки, рече Стефаноски.

Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилно отсуство на осигурениците, овозможува новото софтверско решение на ФЗОМ.
Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилно отсуство на осигурениците, овозможува новото софтверско решение на ФЗОМ.

Стефаноски потенцира дека за разлика од минатото кога рачно се правеше контрола секој месец, новиот систем автоматски прави контрола само за почетниот период, односно за месецот кога осигуреникот го отвора боледувањето или породилното отсуство.

Новиот софтвер на ФЗОМ овозможува: брзо изготвување предмети, автоматска контрола и пресметка на надоместок од страна на ФЗОМ, осигурениците кои се на породилно отсуство ќе ги добиваат средствата во ист месец кога вработените земаат плата, исплатата на породилното отсуство не зависи од исплатата на плата од страна на работодавецот, побрзо изготвување пресметка на надоместок на плата поради поврзаноста со УЈП и АВРМ, породилните отсуства Фондот ги исплаќа и доколку завршил времениот договор на породилката и автоматска нотификација за корекција што фирмите треба да ја направат за да се исплати боледувањето, додаде Стефаноски.

Исплатени 97 отсто од породилните отсуства

Рамадани информираше дека по воведените законски измени и новото софтверско решение, во јули се исплатени 97 отсто од породилните отсуства, а останатите 3 отсто кои не се исплатени се должат пред се на грешки кои не зависат од Фондот, туку е потребно работодавачот да интервенира за што сега системот автоматски ги известил.

Рамадани потенцира дека во 2012-та година за 17.040 породилни боледувања се исплатени 354,345,895 денари, а годинава за 19.209 породилни исплатени се 458,688,650 денари, а за 2015 година, имаат обезбедено 2 милијарди и 354 милиони денари, што изнесува речиси 10 отсто од вкупниот буџет на Фондот.

Тој укажа на најчестите грешки од страна на фирмите при поднесување на барања за надоместоци, а за кои отсега ФЗОМ ќе ги известува по електронска пошта. Меѓу нив се: 1. Погрешна уплата на часови, 2. Кога осигуреникот е на боледување на товар на Фондот, фирмата не треба да исплаќа плата за тоа лице и 3. Матичниот лекар го греши крајниот датум на породилното отсуство при внесување на податоците во ИСР образецот.