Побрзи и поевтини анализи за земјоделски производи

Измените на Законот за здравје на растенијата носат две битни поволности. Првата се однесува на земјоделците кои сами ќе можат да побараат лабораториски анализи за штетни организми, квалитетот на семето и да направат контрола на пестицидите, а втората поволност се однесува за трговците и бизнис операторите кои ќе можат да ги добијат потребните сертификати за безбедност на храната поевтино и побрзо од досега, пренесува МИА.

Ова денеска го истакна заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски при посетата на Државната фитосанитарна лабораторија (ДЗЛ) на која го појасни и начинот како земјоделците ќе можат да ги користат поволностите од измените од Законот.

– Земјоделците сега ќе можат сами да побараат лабораториски анализи за штетни организми, за квалитетот на семенскиот и садниот материјал, да направат контрола на пестицидите во функција на производство на безбедна храна, која што е од особено значење и се предава согласно последната кампања на Владата на РМ за консумирање здрава и безбедна храна, рече Костадиновски.

Појасни дека процедурата за земјоделците е едноставна. – Ако се работи за болест на растенијата при првата појава на некој симптом во посев доволно е да се земе примерок да се спакува во пластична кеса и да се донесе во ДФЛ, каде во рок од минимум два часа до максимум три дена земјоделецот ќе добие резултати врз основа на кој ќе може да побара соодветен препарат за третирање на растението, информира Костадиновски и додаде дека цените за овие анализи не би требало да чинат повеќе од 500 до 700 денари.

При извоз на земјоделски производи и преработки, потенцира Костадиновски, трговците и бизнис операторите мораа да поседуваат сертификат за безбедност на храната за кој досега ги правеле во лабараториите во Германија и Бугарија и ги чинеле скапо, а процедурата траела долго.

– Согласно мерките за трговската политика, по меѓународно усвоените правила за движење на стоката, пратката треба да ја прати соодветен сертификат кој што треба да биде издаден од релевантна лабораторија која што има акредитирано методи по меѓународни стандарди. Такви стандарди сега има добиено Државната фитосанитарна лабораторија кои што се од корист на бизнис операторите во делот на правењето анализи кои ќе ги добијат за четири до пет пати певтино и побрзо отколку досега кога ги добиваа за неколку недели, истакна Костадиновски.

Заменик министерот посочи конкретен пример каде за добивање сертификат за извоз на вино досега трошоците изнесувале од 250 до 300 евра а во ДФЛ таа услуга ќе чини 70 евра и ќе биде побрза, односно за неколку денови.

Директорката на ДФЛ Сузана Кратовалиева појасни дека лабораторијата е единствена од ваков тип во регионот која има акредитирано 18 лабораториски и дијагностичко аналитички методи кои се по меѓународни стандарди.

– Со овие методи ќе можеме да бидеме сигурни во пласманот од областа на замјоделските производи и нивни преработки. Без разлика дали е за извоз или за пласман на домашниот пазар, Македонија ја покажува грижата за воведувањето инегриран фитосанитарен систем од сите аспекти. Тоа значи дека водиме сметка за здравјето на домашната популација, го градиме својот имиџ за земја која безбедно извезува храна и обезбедуваме брза и евтина дијагностика, истакна Кратовалиева.

Додаде дека со добивањето на меѓународно признаената акредитација за издавање сертификат во јуни па до сега, извозот во Македонија, посебно во делот на грозје, пиперки и домати е значително зголемен каде, како што рече, се случувало камионите натоварени и подготвени за пат го чекале сертификатот кој им бил достапен за само неколку часа.