Спорт

Почина Боро Чурлевски, еден од најпознатите македонски ракометари

Почина Боро Чурлевски, еден од најпознатите македонски ракометари

Легендата на битолскиот и македонскиот ракомет, Боро Чурлевски, почина во 49-та година од животот.

Чурлевски својата кариера како играч ја започна во Пелистер во далечната 1984-та година, со кој освои 4 првенства и 5 Купови на Македонија, а на 3 пати беше и вице-шампион во СФРЈ.

Во Македонија настапуваше и за Црвенка, Тутунски комбинат, Борец, а има настапувано и за грчки Килкис и црногорскиот тим Ловќен, со кој ја освои шампионската титула во Црна Гора. Таму и ја заврши играчката кариера.

Во меѓувреме одигра многу натпревари и за националниот тим на поранешна Југославија, со кој го освои бронзениот медал на Светското првенство во Романија во 1987-та година, а беше дел и од првиот состав на македонската ракометна репрезентација, со која учевствуваше на ЕП во Италија во 1998-ма и СП во Египет во 1999-та година.

Исто како и играчката, така и тренерската кариера ја започна во неговиот матичен клуб Пелистер, а работеше и во Килкис во Грција, Кастриоти и Беса во Косово, женската екипа на Патра, а последен негов ангажман беше годинава, на позицијата тренер на РК Прилеп.