Почина Даниел од „Авалон“

Вчера ненадејно во вечерните часови, почина Даниел Милошевски, еден од сопствениците на „Авалон продукција“, јавува порталот „Вистина.мк“.

Според неофицијални информации, Даниел  враќајќи се од својот вообичаен „крос фит“ тренинг на пат кон дома почувствувал тегоби и здравствени потешкотии. И покрај тоа успел некако да стигне до поликлиниката „Јане Сандански“, каде што здравствената состојба драматично му се влошила и сите обиди да се реанимира биле неуспешни. Даниел починал, најверојатно од срцев удар, пишува порталот.

Посмртните останки на Даниел Милошевски ќе бидат изложени утре во 13 часот во капелата на Градските гробишта Бутел во Скопје , а погребот ќе биде во 14 часот.

Браќата Даниел и Бобан Милошевски беа едни од најуспешните во областа на шоу бизнисот, не само во Македонија, туку и на Балканот, правејќи ги најголемите концерти на најпознатите домашни, екс југословенски, но и светски ѕвезди.