Почина Дин Смит, тренерот кој му го трасираше патот во НБА на Мајкл Џордан

Дин Смит, поранешен селектор на САД и долгогодишен тренер на Универзитетот Северна Каролина, почина денеска на 84-годишна возраст.

Еден од најдобрите тренери во историјата на кошарката, човекот кој на Американците им го донесе златниот трофеј од Олимписките игри во 1976 година во Монтреал, ќе остане запаметен и како тренерот кој на светот му го подари најдобриот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан.

Смит беше на клупата на Северна Каролина цели 36 години. Како тренер на овој универзитет освои две национални титули, а уште три пати успеваше да избори пласман на фајнл-фор турнирите. Кариерата ја заврши со скор од 879 победи и 254 порази.

dean smit

Токму под негова палка во НЦАА лигата настапуваше и “летечкиот” Мајк, кој за Смит честопати знаеше да каже дека му е втор татко.

“На страна од моите родители, никој немал поголемо влијание врз мене од тренерот Смит. Тој за мене беше повеќе од стратег, тој ми беше ментор, учител и втор татко. Човек кој секогаш беше тука за мене, поради што неизмерно го сакав. Низ лекциите за кошарката, ме научи многу за животот. Изгубивме голем тренер, кој оставаше неверојатен белег кај своите играчи, помошници, како и кај сите во Универзитетот Северна Каролина”, изјави легендарниот “Ер Џордан”.