Почина писателот Тодор Чаловски

Во седумдесеттата година од животот денеска во Скопје ненадејно почина писателот Тодор Чаловски, соопшти Друштвото на писателите на Македонија.

Чаловски е роден во 1945 година во Гостивар. Работеше како новинар во Македонското радио, беше уредник на списанијата „Разгледи” и „Стожер”, беше основач на Книжевната колонија Галичник и член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН.  Во ДПМ членуваше од 1969 година и извршуваше високи функции во телата на Друштвото – претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ.

– Како поет, литературен критичар, есеист и преведувач Тодор Чаловски остави богат и значаен книжевен опус. Меѓу низата впечатливо поетски книги се и стихозбирките: „Ноќ во која те нема”, „Ноќен часослов”, „Сердарски болести”, „Јадро”, „Праг”, „Будна куќа”… Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци” за најдобра стихозбирка на Струшките вечери на поезијата. Поезијата на Тодор Чаловски е објавувана и преведувана на повеќе јазици во одделни книги и во антологии на македонската поезија. Објавен е повеќетомен избор од творештвото на Тодор Чаловски, информира ДПМ.

Друштвото на писателите на Македонија утре во 11 часот ќе одржи комеморативна седница. Посмртните останки на Чаловски ќе бидат изложени во капелата на гробиштата во Ѓорче Петров од 12 до 13 часот. Погребот ќе биде извшен во 13 часот.