Почина поетот Игор Исаковски

Почина Игор Исаковски, еден од најеминентните македонски поети, преведувачи и издавачи.

Основач и директор е на културната установа „Блесок“, каде што работеше како главен и одговорен уредник на истоименото списание.

Автор е на романите „Писма“ (1991) и „Пливање во прашина“ (2005) за кој ја доби и наградата „Прозни мајстори“.

„Црно Сонце“ (1992), „Вулкан – Земја“ (1995), „Небо“ (1996), „Длабоко во дупката“ (2004), збирката раскази „Песочен часовник“ (200), се само дел од неговите дела.

Исаковски е роден на 19 септември 1970 година во Скопје. Работел како радио и ТВ-водител од 1991 до 1999 година, од 2001 до 2003 година, на различни фреквенции.

Беше уредник на списанието на Независни писатели на Македонија, „Наше писмо“.

Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, а магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии).

Во негов превод на македонски, објавени се книгите на Алеш Дебељак (2), Лудвиг Гиц, Марија Тодорова, Душан Гојков, Клод Фримен, Роберт Млинарец, Јосип Ости (8), Рони Сомек, М.Т.Ц. Кронин, Горан Глувиќ, Томас Шапкот, Џек Галмиц, Герит Бусинк, Ханс ван де Ваарсенбург, Том Петсинис (2), Сибила Петлевски (2), Хенк ван Керквијк (Дејвид Винвуд), Павле Горановиќ, Предград Луциќ, Хенри Милер, Оља Савичевиќ Иванчевиќ, како и една антологија на црногорската поезија.

Делата на Исаковски се објавени на англиски, холандски, романски, словенечки, хрватски, српски, бугарски, црногорски, босански, чешки, унгарски, полски, словачки, корејски, хебрејски и турски, во дваесетина земји.

Погребот на македонскиот поет ќе биде утре во 13 часот на градските гробишта во Бутел.

Од Исаковски… последните стихови објавени на неговиот фејцбук профил:

ПЛЕМЕ ОД ДВАЈЦА

не е само тој мирис што ме распаметува:
во секоја пора од телото имам по зрно
од твојата суштина – лесно се навлеков
на тебе, на сите твои чудесни магии
кои низ мене прскаат секој еден ден.
зашто ти си: именувана и доживеана
потполно инстинктивно и совршено
точно – во некој само насетен ритуал
ние ја скокнавме иницијацијата
на сите познати племиња.
ние сме племе од двајца,
огнена моја, моја шумо
во која ловам и нè сокривам.
ти ловиш со мене и пред мене:
слушаш подобро, душкаш подобро;
кога ми се приспива, ти ми ја ставаш
главата во скутот. и им шепкаш
на птиците дека твојот љубен спие…
сето тоа го знам. јас сето тоа го знам.
ти го земам телото под своето
и долго, долго те топлам, за врела
да се разбудиш, полна сила
полна сокови од кои ќе се напиеме.
обилно и во тишина, додека птиците
над нашите намирисани тела упорно
нè повикуваат на игра.