Почина поранешниот израелски шпион Мајк Харари

Некогашниот израелски „супер-шпион“ и оперативец на Мосад, Мајк Харари почина на 87-годишна возраст, објави МИА.

Тој раководеше со бројни операции за пронаоѓање и ликвидирање на припадниците од палестинските милитантни и терористички групи во странство.

Харари командуваше со потрагата по терористите од групата „Црниот септември“, кои Израел ги сметаше одговорни за масакрот врз израелските спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.

Израелската разузнавачка агенција Мосад имаше клучна улога и во операцијата на израелските командоси во Ентебе во Уганда во 1976 година, за ослободување на заложниците во оваа источно африканска земја.

Во 1998 година, кога Харари беше во пензија, норвешките власти го обвинија за убиство во случај на погрешен идентитет. Станува збор за инцидентот од 1973 година кога оперативците на Мосад по грешка убија еден марокански келнер во зимскиот центар Лилехамер, мислејќи дека тој е еден од архитектите на терористичкиот напад палестинската група „Црниот септември“ врз израелските олимпијци во Минхен.

На Олимпијадата во 1972 година припадници на оваа терористичка група ги нападнаа израелскте спортисти во Олимпиското село, убивајќи двајца олимпијци, а деветмина други беа земени како заложници. Сите беа убиени на еден аеродром во близината на Минхен, кога терористите се обидуваа со заложниците да избегаат, а германската полиција не успеа во операцијата спортистите да бидат ослободени.

Една година подоцна, Мосад, предводен од Харари, спроведе масовна операција низ Европа за извршување атентати врз палестинските милитанти одговорни за масакрот на Олимпијадата и на оние кои Израелците ги сметаа за одговорни.

По грешката во Лилехамер, Харари поднесе оставка, но тогашниот израелски премиер Голда Меир одби да ја прифати и тој остана на својата функција до 1980 година, кога се пензионираше.

Мајк Харари е роден во 1927 година во Тел Авив, во времето на британската управа со Палестина.