Македонија

Почина Зоран Тодоровски, директор на Државниот архив на Македонија

Почина Зоран Тодоровски,  директор на Државниот архив на Македонија

На 65-годишна возраст почина директорот на Државниот архив на Република Македонија, Зоран Тодоровски.

Роден е на 3 март 1950 година во Скопје, каде што завршува основно и средно училиште. Дипломирал во 1972 година на Фи­лозоф­скиот факултет во Скопје на Катедрата за историја со историја на умет­носта. Магистрирал во 1989 година на Институтот за историја на маке­донскиот народ во XIX и XX век, на тема „Дејствувањето на  Авто­но­мис­тич­ката ВМРО во периодот 1918-1924 година„. Докторирал во 1995 го­ди­на на тема „Внатрешната македонска револуционерна организација 1924-1934 година„.

Работел во Републичкиот комитет за култура 1975-1990 година како советник за споменици на културата и музејска дејност. Работел во Институтот за национална историја во Одделението за историја на македон­­скиот народ (1913-1941), како асистент, научен сора­бот­ник, виш научен сора­ботник и научен со­вет­ник (1990-2003). Тодоровски во ИНИ бил професор по предметот „Ис­то­рија на Македонија 1913-1941 го­дина“.

Зоран Тодоровски е именуван за ди­­ректор на Државниот архив на Република Македонија и раководи со Ар­хи­вот во периодот 1999-2002 година и од 2006 година до денес. Тој е претседател на  научно-културните средби „Десет дена Кру­шев­ска Република“.

То­до­ровски е автор на бројни публикувани историски трудови и зборници на доку­менти. Значајни се неговите трудови посветени на ВМРО 1918-1924-1934 година, на македонското прашање во бугарскиот парламент, за ис­то­рис­ки личности како што се Крсте Мисирков, Тодор Александров, Вла­дис­лав Ковачев, Петар Шанданов, Тодор Поп Антов и други.

За вработените во Државниот архив, Зоран Тодоровски е зна­чаен по тоа што раководеше со Архивот 12 години. Тодоровски се залагаше за унапредување на ра­бо­тите во сите сектори и одделенија во Државниот архив, но најмногу се за­ла­гаше за  развој на издавачката дејност на Архивот, за архивските ис­тра­жу­ва­ња во странство, за меѓународната соработка и др. Исто така, се за­лагаше за пра­вилно функционирање на 9-те подрачни одделенија на ДАРМ, за кад­ровско доекипирање на Архивот, за донесување на ар­хив­ските прописи…

Соочени со фактот за физичката загуба на  директорот Зоран Тодоровски, вработените во Државниот архив му изразуваат искрено сочувство на неговото семејство.