Починатиот Британец веројатно имал само алкохолно труење?

Мала е веројатноста дека причина за смртта на починатиот Британец на Клиниката за инфективни болести во Скопје била болеста ебола. Најверојатно се работи за компликации настанати по алкохолно труење,пишува МКД.МК.

 Според извори на порталот, британскиот државјанин во Скопје бил на службен пат, а работел за една од компаниите во слободната трговска зона Бунарџик. Починатиот Британец последен пат бил на африканскиот континент пред три години, во посета на својата сестра во Танзанија. Лекарите се сомневаат дека станува збор за компликации во организмот предизвикани од консумирање преголемо количество алкохол.
Вчера во 16.30 часот на Клиниката за инфективни болести во Скопје почина педесет и осумгодишен државјанин на Британија. Тој во Македонија престојувал од 2 октомври, а во последните три дена имал постојани стомачни болки и не побарал лекарска помош. Вчера попладнето му се влошила состојбата и итно бил пренесен на клиниката, каде што по само 90 минути починал. Одговорните лица на клиниката според дел од симптомите се посомневале дека можеби станува збор за ебола, па веднаш биле преземени сите безбедносни процедури, а хотелот „Супер 8“, каде што престојувал Британецот, и понатаму е во карантин.

Јованка Костовска, претседателка на Комисијата за превенција на заразни болести, синоќа изјави дека засега не може да се потврди дали станува збор за ебола или за друга болест.