Македонија

Почна академската година на Штипскиот универзитет

Почна академската година на Штипскиот универзитет

На Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип (УГД) почна академската 2014/2015 година. По тој повод заменик-министерот за образование Спиро Ристовски пред студентите истакна дека му е задоволство што присуствува на првиот академски час на еден од најбрзорастечките универзитети во земјава и кој и покрај тоа што е најмлад се наоѓа на второто место на последното национално рангирање спроведено од водечката светска институција Центарот за светска класа универзитети при Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет од Народна Република Кина.

– Се работи за универзитет кој има воспоставено континуитет во следењето на светските образовни трендови и во препознавањето на потребите како основа за имплементирање на новини, како што се новите академии во состав и новите студиски програми воведени од оваа година. Универзитетот располага со наставно-научен и истражувачки кадар кој вложувајќи го сиот личен потенцијал и богато знаење и искуство во моментов работи со над 20.000 студенти што ја препознале својата иднина токму тука, а досега им помогна и на 3.060 студенти да ги формализираат додипломските студии, 366 да магистрираат и 10 да докторираат. Не се сомневам дека и новите генерации студенти ќе добијат квалитетно знаење за време на студирањето и академската дејност, кои допрва ќе ги верификуваат преку соодветен работен ангажман, изјави Ристовски.

IMG_0342

Тој истакна дека нема да изостане и безрезервната поддршка од државата и од институциите кои ќе се залагаат за подобри образовни можности за македонските граѓани преку, како што рече, генерално подобрување на инфраструктурните услови, креирање нови програми, понуда на нови видови стипендии, достапност на најдобрата и најреномирана светска стручна и научна литература, набавка на нови лаборатории и субвенционирање на научно-истражувачките трудови.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип Саша Митрев пред студентите од неколку факултети на Универзитетот истакна дека од денеска со сигурност ќе станат побогати и повеќе исполнети со нови искуства, знаење, позитивните настани кои, според него, несомнено ќе остават силна трага и печат во нивниот живот.

– Нашиот Универзитет оваа академска година ја запиша осмата генерација студенти, идни професионални и стручни кадри во областа на медицинските, биотехничките, техничките, природните, општествените науки и уметностите. За 7-8 години од своето основање ја потврди својата позиција на втор по големина во Република Македонија и успеа да се искачи на високото второ место на ранг-листата на најдобро рангирани државни универзитети. Бројот на сите студенти кои во моментот се запишани и оние кои активно студираат се приближува кон 20.000 студенти, што ни потврдува дека Универзитетот иако млада високообразовна институција е на вистинскиот пат во својот развој. Овој факт неодамна го потврди и надворешната евалуација која ја направија престижни европски институции од оваа област, рече Митрев.

IMG_0262

Тој додаде дека студентите на Штипскиот универзитет студираат современо со овозможување на новите електронски алатки, системот за електронско учење, библиотека, електронскиот индекс, а сето тоа може да се користи бесплатно.

Ректорот на Штипскиот универзитет најави дека во текот на наредниот период главен приоритет ќе биде студентскиот стандард и изградбата на студентскиот дом со помош на Владата и МОН.

Денеска воедно официјално беше и свечено отворен и новиот Ректорат кој се наоѓа во Гоцевото училиште во штипско Ново Село. На Штипскиот универзитет годинава се запишани 3.400 студенти што значи за 500 повеќе од минатата година кога се запишале 2.900 студенти.