Македонија

Почна доставувањето на барања за субвенции за рибарство и аквакултура

Почна доставувањето на барања за субвенции за рибарство и аквакултура

Од денеска до 14 мај годинава може да се доставуваат барања за користење средства за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2015 година, соопштија од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Повикот се однесува на поддршката за изградба на нови риболовни пунктови, реконструкција и адаптација на постоечките, како и надомест за услуга за користење на постоечки пунктови, на поддршка за рехабилитација на риболовни води со доградба, надградба и опремување на постоечките капацитети/мрестилишта за производство на репродуктивен и порибителен материјал, поддршка за изградба и реконструкција на мандри за традиционален лов на риба во Дојранско Езеро, за дополнителна заштита на рибите во риболовните води, како и за изградба на нови капацитети за аквакултура, проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постојните, изградба на нови капацитети за преработка на рибите и набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите.

За рибарството, финaнсиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 100 проценти од вредноста на одобрените/прифатливи трошоци за инвестиции или надомест за услугата, додека за аквакултурата по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина на 50 отсто од вредноста на одобрените/прифатливи трошоци за инвестиции.

Доделената финансиска поддршка е неповратна.

Барањата за користење средства (Образец ПРА –А1) и за исплата (за потточка 1.7) со листата на потребни документи и Упатсвото за корисниците, може да се подигне на веб страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или www.pa.gov.mk.

Пополнетите барања се доставуваат по пошта или лично во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.