Почна есенската кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило

Од спортскиот аеродром во битолското село Логоварди, денес почна есенската, седма по ред, кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило. Акцијата ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство со финансиска поддршка од Европската Унија.

Дистрибуцијата на вакцинални мамки по Битола, ќе продолжи во Штип а ќе заврши со авионско фрлање на мамки од спортскиот аеродром во Скопје.

Во текот на кампањата предвидено е да се дистрибуираат вкупно 500 илјади вакцинални мамки на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови.

Оваа кампања е дел од Програмата за орална вакцинација на лисиците против беснило чија имплементација започна во 2011 година. Програмата се состои од две вакцинални кампањи годишно (пролетна и есенска) кои се спроведуваат во траење од најмалку пет години или најмалку две години по потврдувањето на последниот случај на беснило и во зависност од епидемиолошката состојба со болеста во регионот, односно присуството на болеста во соседните земји и пошироко како и трендот на движење на истата.

Резултатите од досега спроведениот мониторинг ја потврдуваат успешноста на програмата како дел од акцијата за ерадикација на оваа болест, за што говори и фактот дека од март 2012 година кога е регистриран последниот случај на беснило, во нашата држава не се регистрирани нови случаи.

Слични програми за орална вакцинација се имплементираат во соседните Србија, Грција, Бугарија, Албанија, како и во земјите од регионот Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

Бидејќи домашните миленици, кучињата и мачките се едни од најголемите преносители на болеста од дивите животни на човекот, потенцираме дека вакцинацијата против беснило на домашните миленици е од исклучително голема важност. Затоа, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до сопствениците на кучиња и мачки редовно, односно еднаш годишно да ги вакцинираат против беснило.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.