Почна градбата на нов објект на Полициско одделение во Јегуновце

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска денеска во Јагуновце, заедно со заменик министерот за внатрешни работи, Земри Ќамили и државниот секретар во МВР, Анастасија Илиеска присуствуваше на поставувањето на камен темелник за изградбата на новиот објект на Полициското одделение во Јeгуновце.

Потецирајќи дека со овој денешен чин практично се исполнува уште едно од ветувањата дадени на граѓаните, министерката Јанкулоска посочи дека ПО Јегуновци за девет месеци ќе добие модерен, современ објект изграден согласно највисоките градежни стандарди и трендови, со максимална функционалност и репрезентативен изглед.

Истовремено Јанкулоска нагласи дека конечно се решава еден горлив проблем во досегашното функционирање на ПО Јегуновце кое како организациона единица при МВР постои од 2006-тата година и покрива територија со над 8.000 жители, а досега одделението беше сместено во три монтажни бараки.  И наспроти тоа, Јанкулоска нотираше дека резултатите на работата на полициските службеници при ПО Јегуновце се повеќе од задоволителни посаочувајќи дека во текот на минатата година криминалитетот на подрачјето на ова ПО бележи значителен пад од 20 проценти во споредба со 2013 година, додека пак во делот на јавниот ред и мир нарушувањата, односно прекршоците лани се намелени за 28 проценти во споредба со 2013 година.

Новиот објект на ПО Јегуновце лоциран во кругот на истоимената општина ќе биде со вкупна површина од  450 метри квадратни од кои 211 метри квадратни во приземје и 238 метри квадратни просто на  кат, а неговата вредност изнесува 19.311.500 денари (со вклучен ДДВ).

Инаку од 2006 година наваму по однос само на објекти во користење на Полициски станици или Полициски одделение  целосно реконструирани или надградени се околу триесетина такви објекти низ целата држава. Како што нагласи Јанкулоска трендот на подобрување и модернизирање на условите за работа на сите полициски службеници, во кои влегува и санацијата, реконструкција или изградбата на објекти од ваков вид, а како еден од генералните приоритети на раководството на МВР, ќе продолжи и во наредниот период.