Почна изградбата на комплексот на Ејпл Ленд во Ресен, планирани 100 вработувања

Во индустриската зона Макази во близина на Ресен денеска почна изградбата на комплекс за складирање и преработка на јаболка, инвестиција на фирмата Ејпл Ленд од Дубаи во износ од пет милиони евра.

На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ључо Димовски, директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски и претставници од компанијата Ејпл Ленд, јави МИА.

Комплексот, според претставникот на Ејпл Ленд, Франсис Турно, ќе се гради во три фази. Во првата фаза ќе биде опфатена изградба на ладилник со капацитет од пет тони јаболко. Комплексот треба да биде ставен во функција до септември.

Врз основа на резултатите од првата фаза, ќе продолжи изградбата на целиот  комплекс, кој треба да собере десет тони јаболка и да се вработат околу 100 луѓе, рече Турно.

Со откупот на јаболката од локалните производители, како што истакна, оваа инвестиција нема да биде корисна само за нив, туку ќе биде од големо значење и за локалното земјоделство, но и за Република Македонија.

Премиерот Груевски изрази задоволство што по неколкугодишна потрага по инвеститори за оваа дејност и објавените огласи во меѓународни весници Владата успеа да привлече инвеститор во Ресен што, како што рече, беше повеќе од потребно за правилно складирање и калибрирање на овошјето за откуп на дел од јаболката и зголемување на производството, а со тек на време и подобрување на сортите што се произведуваат и прилагодување на желбите на потрошувачите.

„Се надевам дека оваа инвестиција ќе биде само почеток за понатаму да се направат и други инвестиции со цел да се заврши еден дел од проблемот што овој крај го има со откупот за јаболката, но и да се отворат нови работи места, што е и крајна цел на нашите економски политики“, рече Груевски.

 

Тој изрази задоволство што инвеститорите од Дубаи инвестицијата ја почнуваат нецела година од моментот кога првпат дојдоа во Македонија.

„Тоа говори за се поголемата атрактивност на Македонија како земја со одлични услови за инвестирање, но и за ефектите од нашата работа и промоцијата на условите во многу држави во светот“, истакна Груевски, додавајќи дека нивниот интерес бил во повеќе области, но сепак одлучиле првата инвестиција да биде со изградба на најсовромен дистрибутивен центар за складирање и преработка на јаболка во индустриската зона Макази.

 

Овоштарството, како што нагласи, години наназад има целосна поддршка од Владата. Тоа го покажува растот од околу 20 отсто на годишно производство на јаболка во последните четири години.

„Најголем дел од производството на јаболка традиционално е  во ресенскиот регион. Токму поради тоа новиот откупен центар Apple Land ќе биде од особено значење за откупот, дистрибуцијата и извозот на ресенското јаболко до пазарите во Средниот Исток“, рече Груевски.

Во современите ладилници јаболката, како што посочи министерот Димовски, ќе може да се чуваат до десет месеци со ист квалитет од денот на бербата до продажбата без никакви загуби или влијание врз квалитетот и класата.

„Ладилникот е со контролирана атмосфера и е прв од ваков тип во Македонија, а треба да биде готов до крајот на август со цел да ја пресретнат сезоната на јаболка. Нашите очекувања од работењето на овој комплекс за складирање и преработка на јаболка се во натамошниот развој на јаболко производството преку соработка со произведувачите, организираното производство, проширување на асортиментот во согласност со барањата на пазарот, но и со примена на најдобрите земјоделски практики со што уште повеќе ќе се зголеми квалитетот на јаболката“, рече Димовски.

Тој потсети дека Министерството за земјоделство преку Програмата за финансиска поддршка изминатите години само за јаболка обезбеди субвенционирање од 28 илјади денари по хектар, а за подигање нови јаболкови насади од Програмата за рурален развој се кофинансира половина од вложените средства.

Промовирањето на инвестициските можности во Македонија, работењето на подобрување на бизнис климата и инфраструктурата, според директорот на ТИРЗ, овозможува зголемен влез на странски капитал во Македонија.

„Сите овие активности укажуваат дека полена, но сигурно Македонија е една од земјите која активно се разгледува во процесот на инвестирање и ние сме една од пет до шесте земји во ЈИЕ која е сигурна во фокусот на странските компании. Изградбата на комплексот ќе овозможи отворање нови работни места, пласман на преспанското јаболко на пазарите на Блискиот Исток, но истовремено и  промоција на македонското земјоделство и Македонија воопшто“, рече Мизо.

Со изградбата на комплексот, според градоначалникот Стрезовски, ќе се реши еден од најголемите предизвици во овој регион, пласманот на преспанското јаболко.

Вкупната површина под јаболкови насади во охридско преспанскиот регион е околу 4 илјади хектари, а производството на јаболка изнесува околу 103 илјади тони или 67 отсто од вкупното производство во Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.