Почна кампањата „Лето без пожари“

Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со ЈП „Македонски шуми“, Шумската полиција и АД „Горска вода“ на платото пред жичницата на Средно Водно, започна со реализација на традиционалната превентивна кампањата „Лето без пожари“.

Основна цел на кампањата е заштита и зачувување на зелените шумски површини, земјоделското земјиште, ливадите и пасиштата од пожари, во текот на летниот период, преку подигање на свеста на граѓаните за ризиците од појава на пожари и штетите што ги предизвикуваат и на тој начин зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните.

Во рамките на кампањата полициски службеници, на претходно избрана локација им укажуваа на граѓаните за ризиците од појава на пожар и штетите од евентуалната. По краткото укажување за совесно однесување и почитување на позитивната законска регулатива, на граѓаните им бише поделен и соодветен пропаганден материјал, со цел создавање на однос кон полицијата како кон субјект кој делува во насока на заштита и помош.

Во 2013 година на подрачјето на Град Скопје регистирани се вкупно 47 пожари и тоа во јуни девет, јули 15 и август 23, додека лани регистрирани се вкупно 20 пожари, од кои во јуни и јули по шест, а во август осум пожари.

Активностите во рамките на кампањата ќе продолжат во текот на летниот период на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје, каде има зголемена фреквенција на луѓе и возила, а со самото тоа и зголемен ризик од предизвикување на пожари, но и големи можности за постигнување на планираните резултати.