Македонија

Почна одбележувањето на 139-годишнината од Разловечкото востание

Почна одбележувањето на 139-годишнината од Разловечкото востание

Во село Разловци утрово со биењето на камбаните од црквата „Св. Цар Костадин и царица Елена“ беше означена 139-годишнината од Разловечкото востание, пренесува МИА.

Во организација на локалната самоуправа од Делчево стартуваше и годинашново издание на традиционалниот планинарски марш „По патеките на разловечките востаници“.

Планинари од планинарските друштва „Голачка срна“ , „ПОП“ и „Голак“ и нивни гости од повеќе места од Македонија маршот, чија маршута е долга 13 километри, го започнаа од пред фонтаната на село Тработивиште во 7 часот а на целта во востаничко Разловци е предвидено да стигнат околу 10:30 часот.

Со денешната прослава на 139-годишнината од првото организирано вооружено востание на македонскиот народ, против отоманската империја, се оддава достојна почит и на неговите организатори и водачи Поп Стојан Разловечки и Димитар Поп Георгиев – Беровски.

Учесниците на денешниот црковно-народен собор во Разловци ќе присуствуваат на панихидата за загинатите востаници, по што на гробот и на спомен плочата на Поп Стојан ќе бидат положени свежи цвеќиња.

Во културниот дел од програмата ќе биде посетена постојаната изложба на документи и фотографии за востанието, сместена во спомен домот на Разловечкото востание, каде ќе се одржи и литературно читање. Фолклорни групи, културно-уметнички друштва и исполнители на изворни песни ќе настапат на платото пред основното училиште, а попладнево ќе се одржат и спортски натпревари.