Почна отписот на долгови: Во Велес доделени првите решенија

Првите решенија за отпис на долгови на граѓани од ранливите категории денеска во Велес ќе ги додели Министерството за труд и социјална политика.

Решенијата, како што е најавено, ќе ги врачи министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Поднесувањето на барања за отпис на долговите започна на 18 август, а крајниот рок беше 13 октомври. Се отпишуваа долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, кредитни картици, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса.

Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Барања можеа да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени и лица што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа што не можеле да ги исплаќаат обврските.

Според надлежните, големиот број на поднесени барања потврдува дека мерката е добро дизајнирана и насочена кон ранливите категории на кои ќе им се помогне да се опорават.