Македонија

Почна расправата во Собранието за новите членови на Антикорупциска

Почна расправата во Собранието за новите членови на Антикорупциска

Македонското Собрание денеска во рамки на 43. седница ја почна расправата по Предлог одлуката за именување членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, пренесува МИА.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата пред велигденските празници предложи именување членови на Антикорупциска од кои само двајца се од постојниот состав.

За членови на Државната комисија за спречување на корупцијата се предложени Горан Миленков, адвокат од Скопје, Игор Тантуровски, дипломиран економист д-р на економски науки од Скопје, Најдо Спасевски, адвокат од Скопје, Сузана Таскова Аџикотарева, дипломиран правник магистер по казнено право од Скопје, Жаклина Данчевска, дипломиран правник, магистер по деловно право од Прилеп, како и актуелните Сеиди Халили, дипломиран економист од Тетово и Фарије Алиу, дипломиран економист доктор на економски науки од Гостивар.

Претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски пред пратениците ја образложи постапката за избор на новите кандидати на Антикорупциската комисија.

Пратеничката Солза Грчева се изјасни дека нема да ги поддржи предложените кандидати, бидејќи се сомнева дека тие се независни експерти.

Грчева праша што има направено досега Антикорупциската комисија во претходниот состав и дали има отворено и расветлено некоја корупциска афера која е поврзана со власта. Членовите на Антикорупциска, како што рече Грчева, не треба да се членови на некоја партија.

Реплицирајќи и на говорот на Грчева, Илиоски рече дека освен демагогија таа не кажува ништо друго.

Артан Груби од ДУИ побара Антикорупциската комисија под итно да ги адресира случувањата во Република Македонија поврзани со прислушувањето. Според него, во досегашната работа оваа Комисија имала 228 случаи, од кои само седум се упатени во обвинителството, но за жал, како што додаде, нема ниту една казна.

Претходно, Собранието ја донесе Одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировна операција на Европската унија „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски образложи дека еден офицер и еден подофицер на АРМ се испраќаат за период од шест месеци и тоа сметано од првата декада на месец мај 2015 година, за првата годишна ротација и сметано од првата декада на месец ноември 2015 година,  за втората годишна ротација.

Во Министерството за одбрана односно Генералштабот на Армијата, како што е наведено во образложението на одлуката, била извршена анализа на слободните позиции во мисијата „Алтеа“ и сопствените расположливи капацитети, по што на Штабната група на ЕУ и било предложено пополнување со две штабни позиции со припадници на АРМ.

Пратениците денеска ја донесеоа Одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија.

Собранието го донесе и Законот за ратификација на Договорот за воена финансиска соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција и Протоколот за спроведување на финансиска поддршка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека станува збор за континуирана соработка со нашиот стратешки партнер од 1991 година до денес. – Посебно важно е што станува збор за значајна земја членка на Северно атланската алијанса и секоја соработка на воен безбедносен и надворешно-политички план е компатибилен со интересите на Република Македонија за добивање на заслуженото членство во НАТО во што поскоро време, додаде Милошоски.

Пратениците го донесоа и Законот го ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Социјалистичка Република Виетнам за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија по однос на даноците на доход.

На денешната седница беше донесен и Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Хрватска за изменување и дополнување на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Хрватска за трговија и стопанска соработка, како и Закон за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Италијанската Република за полициска соработка.

Собранието попладнево, по редовната пауза, треба да ја продолжи расправата за новиот состав на Антикорупциската комисија.