Почна реконструкција на краците на улица „Црногорска“

Градот Скопје и општината Ѓорче Петров денеска ги почнаа градежните работи за реконструкција на крак од улицата „Црногорска“, од улицата „Радушка“ до улицата „Лука Геров“, како и на краците еден, два и три од оваа улица, кај паркчето пред надвозникот на улицата „Лука Геров“. Почетокот на градежните работи го означија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски.

„Со овој градежен зафат, од улицата „Црногорска“ вкупно ќе се обноват 650 метри, при што посочените делници ќе добијат нов асфалт, а ќе бидат и проширени според условите на теренот (до ширина од 5,5 метри). По должината на реконструираните делници ќе се уредат тротоари, а ќе биде поставено и ново осветлување. Овој проект е резултат на добрата соработка на Градот Скопје со општината Ѓорче Петров. Градот Скопје е подготвен да ги поддржи проектите на општините коишто придонесуваат за подобар лик на градот и се од корист на граѓаните. Во овој градежен зафат со вкупна вредност од околу шест милиони денари Градот Скопје ќе учествува со половина од средствата, поточно со околу три милиони денари, а преостанатите средства ќе ги обезбеди општината Ѓорче Петров,“ рече денеска градоначалникот Трајановски.

Во текот на градежните работи на краците од улицата „Црногорска“ ќе се воведе привремен сообраќаен режим, за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.

„Реконструкцијата на краците на улицата Црногорска ќе придонесе за брза урбанизација на овој дел од општината Ѓорче Петров, а граѓаните ќе добијат уредени и безбедни улици. На терен ќе работат градежниците на Фабрика „Карпош“ АД Скопје, а градежните работи треба да завршат за околу два месеца,“ рече градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски.