Почна реконструкцијата на Куќата на Татарчеви во Ресен

Премиерот Никола Груевски во придружба на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски, денеска го означи почетокот на реконструкцијата на споменикот Куќа на Татарчеви, како културно наследство на Република Македонија.

На свеченоста во Ресен, премиерот Груевски истакна дека како народ и како држава имаме уникатна и богата историја исполнета со мноштво настани и исклучителни личности кои со своите дела, со својата визија и личен капацитет, оставиле траен белег во историјата на нашата држава.

– Денес сме тука во Ресен да ја одбележиме обновата на куќата на великанот на Македонската револуционерна организација, еден од водачите на македонската интелигенција, еден од носителите на девизата за автономна Македонија, првиот претседател на Македонската револуционерна организација, доктор Христо Татарчев. Стоејќи на местото на кое се наоѓала куќата на Татарчеви, оддаваме почит и се поклонуваме пред неговото дело кое претставува наше трајно културно, историско и духовно богатство. Богатство со кое сите ние треба да се гордееме затоа што за таква личност каква што бил доктор Христо Татарчев, не постои држава на светот што не би била горда, нагласи премиерот Груевски.

Во своето обраќање до присутните гости, претседателот на македонската Влада потсети на животниот пат на Татарчев, основањето на Македонската револуционерна организација што го направил заедно со Дамјан Груев, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов, Андон Димитров и Христо Батанџиев во 1893 година, во која се вклучиле и Гоце Делчев, Пере Тошев, Христо Матов, Ѓорче Петров и други во кои тлеела идејата за автономна Македонија.

– Сите ние сме свесни дека за делата и жртвата на великаните на Македонската револуционерна организација никогаш не постоела, ниту ќе постои соодветна благодарност што како генерација можеме да ја изразиме. Но, истовремено сме свесни дека како нивни потомци имаме обврска да ја пренесеме таа значајна историја на нашите идни поколенија. Куќата на Татарчеви ќе биде уште едно сведоштво за тоа како се сака сопствената земја и ќе остане како потсетник, како аманет за сите идни генерации да ја продолжат борбата за просперитетна, напредна и економски силна Македонија, порача Груевски.

Според министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, изградбата на музејот на Татарчеви претставува враќање на една голема личност од македонската историја во топлината на нејзиното изгубено огниште.

– Во куќата на Татарчеви ќе бидат изложени голем број на документи, научно верификувани факти и аргументи кои говорат за историјата на ова ресенско семејство, за големата жртва и придонесот на Татарчев кој својот животен век и го посветил на својата визија за обединета и демократска Македонија. Куќата ќе биде изградена на површина од 280 квадратни метри, со автентичен изглед на фасадата, на куќа со фолклорна архитектура типична за 19 век. Експонатите во музејската поставка хронолошки ќе илустрираат три значајни периоди – предилинденскиот период, активностите на Татарчев во Илинденското востание и периодот по 1903 година до неговата смрт во 1952 година, појасни министерката Канческа Милевска.

Реконструкцијата на недвижно културно наследство, споменик Куќа на Татарчеви во Ресен ќе придонесе за развојот на културниот туризам, и исто така ќе претставува и основа за соработка на културен план со сите општини од регионот, рече меѓу другото градоначалникот Ѓоко Стрезовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.