Почна саемот за вработување – работодавачите и невработените на едно место

Првиот саем за вработување беше отворен денеска во СЦ Борис Трајковски, во организација на Агенцијата за вработување и УСАИД. На истиот илјадници заинтересирани граѓани кои бараат работа имаа можност да се сретнат со компании кои бараат работен кадар.

Настанот беше отворен од вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Тој истакна дека целта на овој саем, кој е во соработка со УНДП и УСАИД, но е и дел од програмата за работа на Владата, во насока на вработување, е да им се даде можност на работодавачите и невработените во голем број да се сретнат и да видат кои се можностите за отворање на нови работни места.

Пешевски додаде дека невработеноста во земјава е на рекордно ниско ниво во изминативе осумнаесет години.

-Изминативе шест години невработеноста во земјава е намалена од 38 отсто на рекордно ниско ниво во изминативе осумнаесет години на 28,2 проценти, истакна Пешевски кој додаде дека намалувањето на невработеноста е меѓу најприоритетните определби на Владата.

Тој потенцира дека на саемот се присутни и странски компании кои веќе инвестирале во земјава и додаде дека саеми од ваков вид ќе има во градовите низ цела Македонија.

-Сакаме да извршиме поврзување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Невработените лица и младите кои бараат работа побрзо и полесно ќе стигнат до потребната информација за слободните работни места, за потребната документација, знаења кои што треба да ги поседуваат со цел побрзо да стигнат до работа, истакна Спасов.

Тој додаде дека од особено значење е и електронскиот пазар на труд, односно новиот портал на Агенцијата за вработување, преку кој и електронски може да се поврзат понудата и побарувачката, место каде што се интегрирани сите активни огласи во земјава, но и место каде сите заинтересирани лица можат да изработат свое CV кое ќе биде достапно за сите работодавачи кои бараат одреден кадар.

Спасов потенцираше дека вкупно осум саеми за вработување ќе бидат организирани ширум Македонија и дека истите ќе бидат пропратени од форуми за работодавачи на кои ќе бидат презентирани мерките кои се дел од оперативниот план за вработување, како и форуми за млади луѓе.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски истакна дека се надева дека овој и претстојните седум саеми за вработување ширум земјава ќе дадат позитивни резултати, како и дека спојувањето на оние кои бараат и оние кои нудат работа ќе овозможи што поголем број лица да најдат работа.

Тој потенцира дека на денешниот саем свое присуство имаат 86 компании од различни сектори и додаде дека се очекува истиот да го посетат од 20 до 30 илјади граѓани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.