Почна шестата акција за вакцинација на лисиците против беснило

Во авионско фрлање на вакцинални мамки, вчера од Битола Агенцијата за храна и ветеринарство ја почна шестата акција за вакцинација на лисиците против беснило како најголеми преносители на оваа болест, опасна за дивите, домашните животни, но и за луѓето. Во наредните две недели, на целата територија на Република Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови ќе бидат фрлени околу 500 илјади мамки.

Со првата фаза на кампањата, во наредните неколку дена ќе бидат опфатени териториите на општините Битола, Ресен, Охрид и Дебар. Втората фаза ќе се реализира од аеродромот во Штип и со неа ќе се опфатат општините од источниот дел на државата. Третата фаза ќе се спроведе од аеродромот во Скопје.

Шестата кампања за орална вакцинација на лисиците против беснило се спроведува преку ИПА проектот за 2010 година со кој се обезбедува техничка помош и за Агенцијата за храна и ветеринарство во насока на подобрување на капацитетите во имплементацијата на европското законодавство. Акцент во овој проект се става на и на подобрувањето на работата на инспекциската служба, безбедноста на храната и храната за животни, контролата на болести кај животните и нивната благосостојба, контролата на ветеринарно-медицинските препарати, како и зајакнувањето на контролата при увоз на гранични премини и подобрувањето на внатрешниот аудит и контрола.

По реализацијата на оваа вакцинална кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство како и досега ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација. Ловните друштва согласно склучените договори со Агенцијата ќе треба да извршат застрел на договорениот број лисици заради лабораториско испитување. Досега спроведените мониторинг програми за успешноста на досегашните фази од оралната вакцинација на лисиците против беснило, потврдува висок процент на успешност на акцијата за сузбивање на оваа болест во нашата држава.

Согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните за 2014 година, до крајот на јуни, сопствениците на кучиња и мачки треба да ги вакцинираат своите миленици против беснило. Паралелно со вакцинацијата против беснило согласно Годишната наредба, домашните миленици треба да бидат и дехелментизирани со средство кое делува против болеста ехинококоза.

Болеста беснило е регистрирана во сите соседни држави, додека во Република Македонија последен пат случај на беснило е регистриран во март 2012 година. Досега во државава регистрирани се 9 случаи на беснило, од нив 8 кај диви животни и 1 кај домашна мачка во Радовиш.

Вакциналните мамки се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило како и биолошки маркер – тетрациклин кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Агенцијата за храна и ветеринарство апелира мамката да не се допира,но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, мамката внимателно треба да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца.

Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или ќеса и да се понесе со себе.