Почна судењето Јанкулоска против Шилегов

Во Граѓанскиот суд во Скопје денеска поцна процесот по тужбата за клевета што министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска ја поднесе против портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Шилегов, во улога на тужен, ја отфрли тужбата како неоснована бранејќи дека изнесеното го кажувал како портпаролот на СДСМ, а не во лично име.

„Јас и претходно и сега, можам да кажам дека не гледам каде е госпоѓата Јанкулоска наклеветена и се’ што ние кажавме на прес конференција е извадено од документите кои се јавно достапни. Фактот што и нејзиниот полномошник на денешното судење не ја спореше нејзината имотна состојба говори само за себе“, изјави Шилегов за медиумите пред судот.

Министерката во судот беше преставуана од својот адвокат Димитар Дангов.Јанкулоска писмено реагираше на изјавите на Шилегов.

„Во Република Македонија како и во секоја демократска држава, секој има право слободно да каже се што ќе посака. Како и во секоја демократска држава, ставовите и тврдењата не смее да бидат невистинити и со намера некому да предизвикаат штета. Секој што излегува во јавност треба да стои зад својот исказ и да одговара за него и вистинитоста на тврдењата. Очигледно тоа е причината зошто Шилегов е во паника, видлива во конфузните обиди за оправдување изнесени пред медиумите. Самиот себе се доведе во непријатна ситуација, која во демократска и правна држава не може да се надмине со изјави во камера, туку само со издржани аргументи пред судот“, вели министерката во изјавата.

Според неа, настапот на Шилегов надвор од судницата е уште еден обид да се изврши притисок врз судот.