Почна уредувањето на патеки во парк-шумата „Гази Баба“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на општината Чаир, Изет Меџити и градоначалникот на општината Гази Баба, Тони Трајковски, денеска го означија почетокот на големата акција за уредување на парк-шумата „Гази Баба“.

– Денеска почнуваме голема акција за уредување на парк-шумата „Гази Баба“, во делот што гравитира кон општината Чаир. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ќе ја расчистуваат дивоизраснатата вегетација кај игралиштата, во близина на куќите, ќе се кастрат гранки, ќе се сечат и отстрануваат старите и суви дрвја, ќе се коси тревата и ќе се отстрани сметот. Работниците ќе ја искастрат и вегетацијата по должината на постојните патеки во парк-шумата „Гази Баба“. Екипите на ЈП „Улици и патишта“ во наредните денови ќе изградат нова трим патека во парк шумата „Гази Баба“ која што ќе се протега од Природно-математичкиот факултет кон населбата Железара, од страната на Чаир. Патеката ќе биде долга 1.100 метри, а широка од 2,6 до 3 метри, во зависност од условите на теренот. Новата патека ќе се покрие со бела ризла. Во овој дел ќе се постават клупи и корпи за отпадоци, ќе се уредат и три пункта со фитнес реквизити, видиковци, игралишта за деца и фонтана за пиење вода. Дополнително, покрај куќите, ќе се уреди и уште една трим-патека со должина од околу 600 метри, која што ќе биде осветлена. Уредувањето на парк-шумата „Гази Баба“ ќе овозможи попријатни услови за престој на граѓаните во природа и ќе понуди нови содржини за одмор и рекреација, во пресрет на пролетта. За уредување на овој дел од парк-шумата „Гази Баба“ Градот Скопје ќе вложи околу 4 милиони денари,  рече Трајановски.

sumi1

Тој додаде дека во текот на оваа година на ова подрачје ќе се засадат голем број дрвца.

– Од општините Чаир и Гази Баба во уредувањето на овој дел од парк-шумата „Гази Баба“ ќе се вклучат сезонски работници. Сакам да нагласам дека во соработка со општините Чаир и Гази Баба, во подготовка сме на закон со кој ќе се овозможи заштитата на парк-шумата „Гази Баба“ да се подигне за едно ниво и ова подрачје да се прогласи за Парк на природата, објасни Трајановски.

sumi2

Градоначалниците Меџити и Трајковски се заблагодарија на Градот Скопје за оваа инвестиција, го нагласија значењето на парк-шумата „Гази Баба“ за Скопје и апелираа до граѓаните да ја чуваат животната средина и поставената урбана опрема на јавните површини.