Започна следната фаза од проектот Млекарница Сахара во Македонија

Сеење на 230 хектари на сточна храна и почеток на хидрогеолошки истражувања се почетокот на втората фаза во проектот Млекарница Сахара во Македонија.

„Во моментов се врши сеење на 230 хектари на земјиште со зелен грашок што се употребува како сточна храна. Сеењето го вршат четири македонски компании од Источна Македонија кои имаа искуство со Сахара и во првата фаза кога се обработуваше земјата. Со оглед на големиот број на активности во периодот што следи ќе се соработува и со локални македонски компании, а во исто време ќе се вработуваат и кадри во компанијата“, изјави Амриш Чандра, генералниот менаџер на Сахара во Македонија.

Со сеидбата започнуваат и хидрогеолошките истражувања на теренот за да се испитаат подземните води поради можен недостаток. Првата фаза исто така ќе опфати конструирање на бунари и анализирање на квалитетот на водата што ќе траед 20 до 30 дена односно до почетокот на април. Оваа фаза ќе резултира со изградба на бунар, преку што ќе се анализираат водите.

„Ова не е вода за наводнување, туку вода потребна за кравите. Тоа значи дека треба да има соодветен квалитет. По истражувањето кое ќе се спроведува околу 4 недели каде се испитува длабочината на која се наоѓа водата, капацитетот за снабдување со вода, следува изградбата на повеќе бунари преку кои подоцна се спроведува цел систем за водоснабдување за објектите кои се дел од целиот проект“, изјави Апе Синха, раководител на проектот.

Истражувањето ќе го спроведува македонската фирма Геинг која има искуство во инжинерството веќе 19 години.

Компанијата поседува различни инжинерски вештини и знаење од областа на АИГ индустријата (Архитектура, Инженеринг, Градежништво), со експертиза во консултантство, проектирање и планирање, администрација, надзор, менаџирање на проекти како и специјализирани услуги.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.