Македонија

Почнаа македонско – српските полициски патроли во Охрид

Почнаа македонско – српските полициски патроли во Охрид

Викендов започнаа заедничките полициски патроли меѓу македонското и српското Министерство за внатрешни работи, се со цел зголемување на безбедноста во Охрид, размена на информации и продлабочување на меѓусебната полициска соработка.

При спроведувањето на полициските мерки на терен, српските полицајци ќе даваат подршка на полицајците од СВР Охрид во активностите насочени кон обезбедување на јавниот ред и мир,  контрола на угостителските објекти и ќе бидат подршка на македонските и на државјаните на Србија кои за време на туристичката сезона престојуваат во Охрид.

Српските полицајци при заедничките патроли со припадниците на Секторот за внатрешни работи Охрид, нема да имаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен ќе бидат обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на Република Македонија. Тие, нема да имаат полициски или други извршни овластувања и нема да го носат службеното оружје и другата службена опрема. Заедничките полициски патроли меѓу полициските службеници од македонското и српското министерство за внатрешни работи ќе се реализираат до крајот на август кога во Охрид во две смени ќе патролираат еден униформиран полицаец и еден полициски инспектор на криминалистичката полиција на Министерството за внатрешни работи на Република Србија.

Заедничките полициски патроли  се резултат на постигнатиот договор меѓу Владите на двете земји за полициска соработка потпишан на 30-ти ноември 2011 година.