Почнува да се гради нова градинка во Јегуновце

Mинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот на Општина Јегуновце, Тони Коцески поставија камен-темелник на нова детска градинка во Општина Јегуновце.

Спасов нагласи дека  ова е едно  ветување кое што денес станува реалност, односно проект на Владата на Република Македонија во соработка со Општината Јегуновце кои заедно инвестираат во нов современ објект за детска градиника.

-Со оглед на фактот дека објектот кој што функционира како детска градинка во овој момент е во лоша состојба,  потребно беше да се обезбедат средства и да се започне со изградба на нов објект, а не со реконструкција на постоечкиот, бидејќи се работи за навистина стар и дотраен објект кој понатаму нема да биде во функција. Токму поради тоа инвестиравме во изградба на детска градинка во Јегуновце  и вкупниот проект ќе изнесува над 5 милиони денари. Очекуваме во текот на оваа година да заврши и изградбата на објектот и потоа да започне и опремувањето и со тоа да биде ставен во функција, рече Спасов.

Тој потенцираше дека Министерството и понатаму ќе продолжи со инвестиции и оваа година во изградба и отворање на детски градинки во соработка со општините во Република Македонија. За таа цел се има план и веќе се започнати инвестиции во над 10 објекти што ќе бидат наменети за детски градинки во повеќе општини во земјава согласно со Програмата на Владата на Република Македонија и во таа насока ќе се продолжи.

-Со Општина Јегуновце имаме интензивна соработка. Пред извесно време беше отворено дисперзирано одделение за социјални работи и дисперзирано одделение на Агенцијата за вработување, ова е практично трет и најбитен заеднички проект пред се за жителите и родителите на децата од предучилишна возраст. Практично со ставањето во употреба на оваа нова градинка значително ќе бидат подобрени условите за згрижување и воспитување на децата од  предучилишна возраст, заврши Спасов.