Почнува хемиската кастрација на педофилите

Измените на кривичниот законик беа изгласани од македонските пратеници, па нова казна за педофилите е  хемиската кастрација.

Според измените за кривичното дело обљуба, кај основниот облик на педофилија, казната затвор наместо 8 години, се зголемува на најмалку 12 години. Кај квалификаторниот облик, за обљуба или друго полово дејствие врз дете кое не наполнило 14 години, настапила тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица, казната затвор беше најмалку 10 години или доживотен затвор, а сега се предвидува минимална казна од 15 години затвор до доживотен затвор.

И законот го впери прстот кон педофилите кои јавноста ги нарекува „монструми“. Македонската Влада, со овој чекор уште еднаш докажа дека грижата за децата е врвен приоритет.

 

Новина во измените е воведувањето на медикаментната терапија позната како хемиска кастрација, односно специјални вакцини кои педофилот ги добива на секои од три до шест месеци, а кои го неутрализираат неговото либидо и нагон. Задолжителната хемиска кастрација ќе важи само за повратниците-педофили додека за останатите е предвидено намалување на казната и за половина доколку се согласат да ја земаат терапијата. Дури и за педофилите осудени на доживотен затвор е предвидено казната да се намали на 40 години доколку се подложат на хемиска кастрација. За педофилите осудени на затворски казни до 20 години предвидено е тие да ја примаат терапијата до крајот на животот, а за возврат да ја добијат минималната казна затвор, односно 12 години. Со новите измени се предвидува судот да има право да одлучи до кога би траело лекувањето на педофилот, но и присилно лекување.

Фармаколошката терапија педофилите ќе ја добиваат во специјализирани здравствени установи и по издржувањето на затворската казна, надзорот ќе го врши тим од Управата за извршување на санкции, која најмалку на секои шест месеци ќе мора да го информира судот за напредокот, односно потребата за продолжување или прекинување на терапијата.

Македонија е единствена земја во регионот која ги направи овие измени и воведе хемиска кастрација за да се заштитaт децата.