Почнува изградбата на 46 локални патни правци

Од денеска почнува изградбата на 46 локални патни правци во 38 општини со вкупна должина од 57 километри. Активностите, вредни вкупно 7,2 милиона евра, ќе завршат за девет месеци, пренесува МИА.

Како што рече директорот на ЈП за државни патишта Владо Мисајловски по пуштањето во употреба на патот Ладно Долче – Крњево – Страгово  во општина Кавадарци, локалните правци, иако поврзуваат села и помали региони, се од големо значење за квалитетот за животот во населените места и за регионалниот развој на општините.

– Во оваа насока, продолжуваме да ги спроведуваме зацртаните владини политики за подобрување на локалната инфраструктура преку заемите од Светска банка и од ЕБОР наменети за оваа намена, истакн Мисајловски.

За да ја подобри локалната патна инфраструктура, општина Кавадарци аплицираше за рехабилитација и реконструкција на неколку локални патни правци и тоа од регионалниот пат 107 до село Ресава, од село Ресава до село Бегниште и локалниот пат Ладно Долче – Крњево – Страгово со вкупна должина од околу 17 километри.

– Рехабилитираниот локален пат кој денеска беше пуштен во употреба беше финансиран со средства од заем од ЕБОР. Пред почнувањето со реконструкцијата, беше асфалтен со ширина од 3,20 метри и во многу лоша состојба со многу нерамнини и дупки. Поради ваквата состојба сообраќајот не беше безбеден, информира Мисајловски.

Извршени се, рече, реконструкција и асфалтирање  по целата должина од 5,35 километри со што широчината на коловозот се зголеми на 5,50 метри со банкини од двете страни од по 0,50 метри.

Според директорот, со реконструкцијата на патот се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот и се намали времето на патување меѓу месноста Ладно Долче преку селото Крњево до селото Страгово, како и побрза сообраќајна комуникација на населените места со Кавадарци.

Реконструкцијата на овој патен правец е во вредност од 46,5 милиони денари.

Фото: МИА