Почнува караванот „Купи куќа, купи стан“ низ Македонија

Преку караван за проектот „Купи куќа, купи стан“, што ќе стартува следната недела, Министерството за финансии ќе ги презентира пред граѓаните можностите и поволностите од проектот со субвенција од Владата да се обезбеди сопствен дом.

Според концептот „сите информации за проектот на исто место“ планирани се презентации од претставници на Министерството за финансии, банки и локални градежни компании во девет градови.

Караванот стартува во четврток следната недела (16 април), со презентација во општината во Охрид во 17:30 часот и продолжува секој нареден четврток во друг град. Тимовите за презентација на проектот на 23 април ќе бидат во Битола, на 30 април во Прилеп, на 7 мај во Гевгелија, 14 мај во Струмица, 28 мај во Тетово и на 4 јуни во Велес и во Куманово.

Сите заинтересирани граѓани може да ги посетат презентациите и да се информираат  за субвенцијата за купување сопствен дом, велат од Министерството за финансии од каде вчера го доделија 500-тото решение од проектот „Купи куќа, купи стан“.

Според Министерството за финансии, караваните низ поголемите градови се поради големиот интерес кај граѓаните за проектот и со оглед на тоа што една третина од одобрените барања се од внатрешноста на државата.