Почнува новата учебна година за основците и средношколците

Новата училишнаучебна година 2014/2015 година за основците и средношколците почнува денеска. На училишните клупи ќе седнат околу 280.000 основци и средношколци. Првпат во училишните клупи ќе седнат и околу 19.000 првачиња.

Учебната година почнува со засилени хигиенски мерки и дезинфицирани училници поради појавата на зараза од жолтица во неколку општини.

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и  неговиот заменик Спиро Ристовски денеска во основното училиште „Мирче Ацев“ во општина Ѓорче Петров ќе ги промовираат новите учебници по предметите „математика“ и „природни науки“ за учениците од прво до трето одделение. Учебниците се изработени врз основа на наставните програми на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, адаптирани на македонските национални особености.

Покрај тоа, ќе присуствуваат и на пуштањето во употреба на новиот објект на основното училиште „Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево, изграден со средства обезбедени од страна на Владата на НР Кина.

Ресорниот министер Адеми ќе го посети и реконструираното основно училиште „Бајрам Шабани“ во село Долно Свиларе, општина Сарај.