Почнува осмиот Фестивал на француски филм во Македонија

Со филмот „Борците“ на Тома Каје од 2014, добитник на две награди „Цезар“ (за најдобар дебитантски филм за најдобра актерка), вечер во кино „Милениум“ ќе биде отворен осмиот Фестивал на француски филм во Македонија, кој ќе се одржува до 20 јуни во Скопје и Охрид.

Ќе бидат прикажани најнови филмови снимени минатата и оваа година, а покрај проекции ќе има и средби и разговори со ексклузивните гости, работилници, музичка вечер на францускиот оркестар F.A.M.E.’S. со седиште во Скопје и првпат годинава натпревар „Моето прво минивидео“, пренесува МИА.

На фестивалската програма се насловите: „Диши“ во режија на Мелани Лоран, „Со кренато чело“ на Емануел Берко (прикажан на годинашниот Кански филмски фестивал), „Од петни жили“ на Нилс Таверние, „Глупа гуска – принцеза на срцата“ на Камиј Котен, „Семејството Белие“ на Ерик Лартиго и „Француска врска“ на Седрик Хименез.

На фестивалот ќе биде прикажан и филмот „До гледање кловну“ на Клод Бери од 1983 година, во чест на актерката Ањес Сорал која е гостинка на фестивалот и лауреат на овогодишната почесна награда „Златна маска“. Наградата ќе и биде врачена на официјалното затворање на фестивалот, на 20 јуни во Центарот за култура во Охрид.

Покрај Сорал, гости на фестивалот годинава се и актерите Дијан Руксел и Антоан Лоран, продуцентот Ален Мајор, композиторите Брис Даволи и Фред Корсјал и Одре Бијар, член на асоцијацијата ОФФ од Трувил.

Проекциите ќе бидат во „Милениум“, „Фросина“ и Кинотеката на Македонија, средби и разговори ќе има во Францускиот институт-Скопје, а музичката вечер на F.A.M.E.’S  е на 19 јуни во „Фросина“.

Фестивалот ќе заврши во сабота со проекции на најгледаните француски филмови – „Семејството Белие“ ќе биде прикажан во Центарот за култура во Охрид и „Француска врска“ – во киното „Милениум“ во Скопје.