Почнува пријавувањето за Водици

Се ближи традиционалното одбележување на празникот Водици, па, како и секоја, така и оваа година се очекуваат голем број учесници што ќе скокаат по крстот во реката Вардар.

За сите заинтересирани христијани во дневниот весник „Нова Македонија“ ќе се отпечатат купоните со кои ќе можат да се пријават за учество на манифестацијата. Купоните ќе се објавуваат од 12 до 15 јануари, а скокачите по крстот треба да го однесат својот купон в петок, во 11 часот, во Соборниот храм. Манифестацијата во чест на еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици ќе се одржи кај мостот „Слобода“, во близината на хотелот „Холидеј ин“.

Сите учесници што ќе влезат во водите на Вардар треба да имаат лесен појадок најмалку час и половина пред да се капат, да не пијат алкохол и да не се загреваат со топли пијалаци пред да влезат во водата. Исто така, пред да се нурнат во водата, треба малку да постојат во неа и да го испрскаат телото за да се навикнат на температурата, а со себе мора да ја имаат и потврдата што ќе им биде издадена од спортска медицина, затоа што без потврда нема да им биде дозволено да учествуваат во манифестацијата.