Магазин

Почнува Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“

Почнува Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“

НУ Центар за култура-Битола по 44-пат е домаќин и организатор на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој од денеска и во наредните вечери, до 1. август ќе се одржува во овој град.

На свеченото отворање ќе му претходи традиционалното фолклорно дефиле „Со песни и игри низ битолските улици“ во кое ќе учествуваат ансамбли од државата и странство. Групите ќе тргнат од пет населби во градот, ќе се зберат пред градскиот часовник, а потоа низ Широк Сокак ќе се упатат до фестивалската сцена, посочи етнологот Валентин Соклевски, селектор на фестивалот.

– И годинава, на фестивалот ќе учествуваат групи чии членови се со различна возраст. Секоја група има своја вредност содржана во фолклорот што ќе се презентира. Го мотивираме учеството на детските групи бидејќи тие обработуваат сегемент од народниот фолклор кој е поврзан со децата. Поеднакво ги поддржуваме и младинските групи бидејќи тие овозможуваат да не се прекине синџирот, а со возрасните групи кои се на возраст од 55-80 години, се овозможува автентично пренесување и играње на ората што ги научиле во својата младост, односно од своите дедовци. Фестивалот во Македонија секогаш отстапувал место за фолклорот и традицијата на сите етнички заедници,тој е и семакедонски настан или семакедонски фестивал и затоа тука и годинава ќе учествуваат групи од Австралија, од Европа и од Јапонија, посочи етнологот Соклевски.

Според Соклевски, основните поставки на фестивалот „Илинденски денови“ се традицијата и народната култура кои 44 години содржат истражувања, негување и презентирање на народната култура во сите облици, и манифестации на кои што се промовираат и афирмираат тие вредности.

– Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илиденски денови“ е повеќеслоен фестивал. Тоа е фестивал кој што длабоко навлегува во традицијата, во дамарите, со желба да се оствари нешто вредно за иднината и со што народната култура ќе се одржува во живот. Тоа со други зборови значи дека ората не треба да ги бараме во музеите, затоа што ако орото влези во музеј, и ако остане само таму, тогаш традицијата е мртва. Напротив, ората треба да живеат во секојдневието на аматерските и професионалните фолклорни ансамбли. Традицијата треба да живее, и затоа ги мотивираме сите – професионалците, аматерите, возрасните и децата. Тие треба да го изиграат орото, да го практикуваат обичајот и да го пренесуваат на идните генерации. Повеќеслојноста и стратификацијата се во орото, песната, народна носија, вез, врвна култура, едукација, човечки ресурси, и сето тоа ни дава за право да кажеме дека „Илиденски денови“ е Фестивал на сите генерации и од сите генерации, истакна Соклевски.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура и општина Битола.

МИА