Почнува судењето на поранешниот директор на ММФ, за организирање проституција

Во Лил денеска почнува судењето на поранешниот извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Строс-Кан, под обвиение за подведување проститутки, пренесува МИА.

На обвинителната клупа, освен Строс-Кан, ќе се најдат уште 13 лица, вклучувајќи и француски и белгиски бизнисмени, како и полицајци.

Поранешниот директор на ММФ и некогаш потенцијален кандидат на француските социјалисти со најголеми изгледи за нов претседател, е обвинет за организирање синџир на проституција во Лил, град на север од земјата, во близина на границата со Белгија.

Како што се наведува во стотиците страници од обвинителниот материјал, Строс-Кан проституцијата ја организирал во луксузниот хотел „Карлтон“ во Лил.

Неговата одбрана тврди дека е вистина неговото учество во сексуалните забави во хотелот, но дека тој не знаел дека присутните девојки биле проститутки.

Адвокатите на Строс-Кан тврдат и деја тој немал клучна улога во организирањето на тие забави, пренесуваат агенциите.

Судењето во Лил се очекува да го следат стотици новинари, а се случува четири години откако Строс-Кан беше обвинет за сексуален напад врз собарка во хотел во Њујорк.

Овој скандал го чинеше заминување од местото генерален директор на ММФ. На таа функција тој беше од 2007 до 2011 година и важеше за вонреден финансиски стручњак, а му се насмевнуваше и кандидатурата на француската Социјалистичка партија за нов шеф на државата во 2012 година, се до појавувањето на секс скандалот со собарката.