Почнува традиционалниот вевчански карневал

Со парада на групите од Горно и Долно маало денеска во Вевчани започнува Вевчанскиот карневал со кој традиционално се пречекува Старата Нова година – Василица.

Карневалот официјално ќе го отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Дефилето во центарот на Вевчани ќе трае до 16 часот, а за вечер е предвидено да се одржи концерт на етногрупата „Љубојна“ со  Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски. Гостите на Вевчанскиот карневал ќе ги забавува и фолк-пејачката Елена Велевска, а Старата нова година ќе биде пречекана со голем огномет што ќе трае три до пет минути.

Годинава карневалот опфаќа повеќе настани, а манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските на 14 јануари.

Вевчанскиот карневал е меѓу најпознатите на Балканот кој се негува повеќе од 1400 години. Во деновите кога се слави доаѓањето на Старата нова година, Вевчани се претвора во голема отворена сцена, а настанот  секоја година го посетуваат голем број гости од Македонија и од странство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.